
Опозицијата и Власта ги судрија ставовите околу потребата со закон да се смени претседателот на регулаторната комисија
Дали претседателот и членовите на регулаторната комисија за енергетика треба да се менуваат со закон или нивната ротација е согласно европските директиви со што ќе се обезбеди нејзина независност? Жестока дебата се разви помеѓу пратениците од власта и опозицијата на првото читање од законот за енергетика.ВМРО ДПМНЕ тврди дека се прави обид да се одземат ингеренциите на парламентот кој ги назначува и разрешува членовите на комисијата и се прави упад во независноста на регулаторните тела
„Ова се круцијални сегменти кои иницираат друга заднина, штитите интереси на власта. Затоа сме ние скептици“, рече Лиле Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Анѓушев објасни дека како и досега владата предлага а Собранието го назначува претседателот на регулаторната комисија, но важно е кој човек ќе се предложи.
„За кој претседател зборите? Тој е само исполнител на желби а не работеше во интерес на граѓаните, новите членови ќе се стручни а не од партиски штабови кои ништо не научиле за Законот за енергетика“, вели Анѓушев.
Опозицијата изрази сомнеж и во членот од законот кој предвидува функционалното раздвојување на енергетските компании, односно ЕЛЕМ да биде под надлежност на владата, МЕПСО под Министерството за транспорт а МЕР под Министерството за економија.
„Раздвојувањето е формално а фактички сите се пак под ингеренции и туторство на владата. Дали нерегулираното излегување на ЕЛЕМ на слободниот пазар значи негово продавање по багателна цена на познат купувач“, праша пратеникот Цуклев.
Законот за енергетика требаше да се донесе уште во 2015 година. Со него целосно се либеларизира пазарот на електрична енергија што значи дека домаќинствата сами ќе избираат кој ќе ги снабдува со струја а за сите останати ќе постои универзален снабдувач кој ќе се избира на тендер.
Виолета З. Стојановска