
„Операцијата метла“ се уште е во подготовка
„Операцијата метла“ се уште е во подготовка. Иако мини одморот на премиерот Заев заврши уште пред неколку дена, тој се уште не отворил разговори за проветрување на Владата и на институциите со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со другите коалициски партнери, како што најави. Од ДУИ велат дека средба Заев-Ахмети не е ниту закажана, ако не се смета блиц контактот на настан од екологијата. Во СДСМ објаснуваат дека не се завршени анализите на сработеното, кои треба да бидат основа за разрешување на министри, заменици и директори.
„Вистинската метла е во рацете на граѓаните“, вели лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој деновиве ги посетува општинските комитети на партијата, а потоа споделува фотографии и куси коментари на социјалните мрежи.
-Големите очекувања што ги создава оваа власт за „операцијата метла“ ќе донесат големи разочарувања. Тие повторуваат дека ја научиле лекцијата, ја примиле пораката, ќе следеле промени, но никој од нив не вели дека не испорачал резултати и дека си поднесува неотповиклива оставка бидејќи е неуспешен. Сите закотвени во функциите, чекаат што ќе одлучи деспотот, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Само во тоталитарни општества нема политичка реакција на опомените од граѓаните, велат аналитичарите. Според Алберт Муслиу, очекуваната „метла“ доаѓа откако прво се затворија големите прашања, што отвара можност за реформи, нови перспективи, европски фондови, инфраструктурни и други проекти.
Премиерот Заев најави дека ќе анализира и разговара до крајот на месецот, а наредниот месец ќе предложи реконструкција на Владата. До крајот на јуни, се очекуваат и други кадровски промени по вертикала, што опфаќа директори на јавни претпријатија и на други државни институции. До сега ниту еден функционер не се повлече сам поради незадоволство од својата работа.
Соња Николовска