
Опасност од цензура ако владиниот план за борбата со лажни вести, остане само во рацете на Владата
Претпазливост и внимателност во коментарите, но и осуда за обид за цензура, сето ова се оценките на владиниот план за борба со лажни вести. За експерртката по комуникации идејата може да биде одлична само ако се земени европски стандради за нејзино пишување и се испочитувани мислењата на сите важни фактори во новинарството и во медиумската фела. Ако владата е сама на тој пат може да се случи цензура.
Еснафските здруженија гледаат проблематичност во предлогот на владата, особено во деловите кои предвидуваат владина комисија за борба со лажни вести составена од претставници на државно-безбедносни структури, како и само понуденото решение кои новинари да може да следат пресови на владата.
Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата, велат од ЗНМ.
Најавеното пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести не е гаранција за успешно справување со нив. И многу поразвиени земји од нашата не успеале премногу во оваа битка. Неопходни се суштински реформи, за да се обезбеди опстанокот на квалитетните медиуми, кои ќе бидат гаранција за точна и правовремена информација, соопштуваат од Независниот синдикат на новинари.
Слободата на медиумите и на изразувањето не смее да биде жртва на притисоци или на владини тела, е предупредувањето на еснафските здруженија до владата.
Миомир Серафиновиќ