Опасни времиња идат поради мигрантскиот пат кон запад, решение е помош за Сиријците избегани во Турција

Покрај шишиња со вода, учесниците на Берлинскиот процес на масите ги пречекаа и дезинфекциски средства поради корона. Но вирусот не беше тема на скопската средба туку миграциите како и бранот бегалци заглавен на границата меѓу Турција и Грција.

Кристоф Бендер од Европската иницијатива за стабилност –ЕСИ учествуваше со предлози пред 5 години кога Европската Унија и Турција се договорија за 6 милијарди евра скапта програма за помош на сириските бегалци во Турција.

Сега тој договор е завршен, а Бендер нема оптимистички прогнози- проблемот е што копнената граница Грција можеби и ќе ја одбрани успешно, но морската егејска граница е тешка за контрола. Потоа кон целта на мигрантите и бегалците е само копно, а македонската граница е долга и тешко одбранлива.

-Со соопштението на унгарската влада, како и од австриската влада дека од Грција очекуваат заштита на границата, дека од Вас и од западниот Балкан очекуваат гранична заштита, мислам дека е многу опасна ситуација за земјите како Македонија затоа што овој ризик носи голема можност за хуманитарна катастрофа. Ние знаеме како тоа изгледа, кога ќе помислите на сликите од босанскиот камп Вучјак. Таму луѓе во ужасна состојба преминуваа во Хрватска, беа враќани назад од полицијата на многу брутален начин. Тоа беше ужасно, но имаше мал број луѓе. Мислам дека големиот ризики е доколку дојдат повеќе бегалци од Турција во Грција, а потоа се обидат да преминат натаму, може да го видиме и во Македонија и на западниот Балкан, но во многу поголемо ниво, изјави за Телма, Кристоф Бендер од ЕСИ-Европска Иницијатива за стабилност.

Решение има само едно, објаснува Бендер.

-Нови финансиски фондови треба да бидат одобрени во тој тек за помош на сириските бегалци во Турција, предлага експертот Бендер.

На панел дискусијата, учесниците се интересираа како во вакви ситуации да се спречи создавање на десничарски и радикални параполиции какви се појавија во повеќе балкански држави или пак како сиромашните држави да ги враќаат илегалните преминувачи во нивните земји без никакви авионски врски со нив.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ