
Омбудсманот: Полицијата е партизирана и непрофесионална
И упадот во Собранието на 27-ми април и апсењето на пратениците обвинети за „Крвавиот четврток“ ставени во ист кош и посочени како докази дека полицијата е партизирана наместо професионална. Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска ова го кажа пред пратениците на комисијата за политички систем додека го претставуваше годишниот извештај.
Пратениците на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ го поздравија делот за приведувањето на 6-мината пратеници меѓу кои беа и Мукоски и Василевски, двајцата кои ја отворија вратата од Собранието пред упадот. Пратеничката Благица Ласовска цитираше дел од извештајот во кој се вели дека не смее да се приведе лице кое има имунитет без дозвола од надлежниот орган, а доколку е во тек приведување или апсење на лице со имунитет, постапката треба веднаш да се прекине.
Тоа според Ласовска е знак дека законот не е почитуван и во тој контекст државата ја нарече не заробена, туку држава во конзерва во која има и политички прогон. Народниот правобранител упати серија забалешки и критики дека треба да се почитуваат правата на граѓаните, а Бајрамовска потенцираше и дека најголем дел од претставките на граѓаните до нив се дојдени поради судски проблеми односно поради постапки за извршување и против извршители.
Миомир Серафиновиќ