
Оливер Спасовски најверојатно ќе биде технички премиер
Оливер Спасовски најверојатно ќе биде технички премиер. Тој бил прифатливо решение и за премиерот Заев и за коалициските партнери на СДСМ.
Високи извори за Телма велат дека најпрво ќе следат партиски консултации а одлуката се очекува да биде потврдена на Централниот одбор.
Министерот за внатрешни работи одби да одговори дали доколку му биде понудена функцијата, истата ќе ја прифати.
Социјалдемократите сметаат дека технички премиер треба да биде од редовите на министрите во Владата, а партиите од коалицијата ќе ја почитуваат секоја одлука која ќе биде донесена.
Поранешниот технички премиер Емил Димитриев очекува новата влада одговорно да си ја врши работата и успешно да ги организира и спроведе изборите. Признава дека техничкиот премиер не може да остане имун на субјективни партиски влијанија.
Социјалдемократите ќе треба да предложат и дополнителни министри за внатрешни работи и за труд и социјала, додека ВМРО-ДПМНЕ покрај министри во овие две министерства ќе треба да номира и заменици во финасии, информатичко општество и земјоделство.
Имињата на кандидатите, најголемата опозициска партија ќе ги соопшти во текот на наредната недела.
Јулијана Пешевска