ОКТА: Државата дозволува увоз на мазут кој отстапува од стандардите

Државата дозволува увоз на мазут од Србија кој не ги исполнува стандардите за квалитет, алармираат од ОКТА. Компанијата ова го открила пред еден месец, откако дошла до сертификатот кој покажува дека мазутот на рафинеријата од Панчево има кинематичка вискозност над дозволените граници, и за проблемот ги известила Царината и Државниот пазарен инспекторат. Иако во петокот минатата недела цистерните биле запрени и биле земени мостри, и акредитирана лабараторија од земјава потврдила дека мазут е под стандардите, институциите не издале забрана за увоз. Коментарот од Царината бил дека немаат што да направат.

„Дури денеска добивме одговор и од Државниот пазарен инспекторат во кој се вели дека испитувањето на примерокот е во тек. Ова покажува дека државните механизми во земјава не се во состојба да ги спречат дури ни оние производи за кои е докажано дека се надвор од стандардите. Имаме впечаток дека имунитетниот систем на земјава е слаб, државните институции се некоординирани, а некој ја користи оваа ситуација. Бараме од нив да преземат мерки за да се надмине овој проблем“, велат од Рафинеријата ОКТА.

Мазутот од Србија го користи кавадаречки ФЕНИ фени, а претходно го набавувал од ОКТА. Од рафинеријата сметаат дека Царината и Пазарниот инспекторат треба да се единствени во примената на Правилникот за квалитет на течните горива, а не меѓу себе да си ја префрлаат топката, во спротивно се создава нелојална конкуренција.

Од Пазарната иснепкција велат дека веднаш постапиле по поплаката од ОКТА, и ангажирале лабараторија која зела мостри, но тие сеуште не ги добиле резултатите.

„Ние не сме тие што можеме да ги запреме цистерните. Кога ќе ги добиеме резултатите од лабараторијата, доколку тие покажат дека мазутот отстапува од стандардите, компанијата увозник има право да побара суперанализа од меѓународна лабараторија, и ако и таа покаже дека мазутот отстапува, тогаш заедно со Царината ќе имаме право да одлучиме дали ќе издадеме забрана за увоз“, вели Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.

Од Царинската управа, пак, изјавија дека според членот 22 од Правилникот за квалитет на течни горива, инспекцискиот надзор и контролата на квалитетот на мазутот ја врши Државниот пазарен инспекторат. Царината во постапката на увоз на стоки во земјава е во координација со сите органи, служби и инспекторати заради спроведување на мертките на трговската политика, велат од оваа институција.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ