
По 30 години жители од Штип добија вода за пиење
Во 21 век проблемот со водата за пиење е решен во штипската приградска населба Балканска. Околу 600 жители кои живеат покрај реката Брегалница и на два километри од Филтер станица речиси 30 години ги молеа локалните власти да им го решат проблемот. Низ нивните чешми течеше техничка вода од поранешниот текстилен комбинат Македонка, а за пиење биле принудени да купуваат флаширана вода.
За да пристигне цивилизацијата во штипската населба Балканска инвестирани се 300.000 евра од буџетот на општината. Во моментов на системот се приклучени околу 200 жители.
Во источниот регион проблем со чиста вода за пиење и немање на канализациони мрежи се соочуваат и жителите на поживите села во кочанско поле, каде што се уште се пие вода од домашните бунари. Анализите се поразителни само 18 отсто од населените места во земјава се покриени со канализациони мрежи, но со инвестиции од државниот и општинските буџети се очекува овој процент да се искачи на 40. Немањето на основни услови за живот во селата, но и во одредени населби во источниот регион е една од причините за неколку децениската миграција на населението.
Викторија Јованова