ОЈО за организиран криминал отвори истрага за милионската фасада на МЕПСО, која се распадна од невремето

Обвинителството веднаш отвори предмет и ќе се испитува дали има пропусти во изградбата на милионската фасада на зградата на МЕПСО. Силен ветар пред два дена предизвика дел од неа да се распадне на парчиња, а сликите и снимките на социјалните мрежи и во медиумите допреа до секого па и до обвинителите од Организиран криминал. Сега тие ќе се обидат да дознаат дали квалитетот на градбата е таков каков што е напишано во барањата кога се објави тендерот.

Предметот е распределен кај надлежен јавен обвинител кој издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за обезбедување и вештачење на севкупната документација за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата, велат од ОЈО.

За енергетска ефикасност на објектот кој е еден од оние кои никнаа во проектот Скопје 2014, потрошени се 11 милиони евра државни пари. Директорката на институцијата вчера ги набројуваше штетите кои настанаа во скопското невреме во средата.

Откорнатите парчиња од стиропор оштетија неколку службени возила, а откорнати се и десетина клима уреди, изјави вчера директорката на МЕПСО Ева Шуклева, по силното невреме.

Во меѓувреме активстите на социјалните мрежи повторно гласно почнаа да коментираат и да споделуваат ставови за „Скопје 2014“, а градоначалникот Петре Шилегов порача дека проектот мора да се реши, а тој тоа ќе го направи најбрутално и веднаш после изборите.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ