
ОЈО Скопје континуирано го следи работењето на депонијата ДРИСЛА
Скопското Јавно обвинителство постапувајќи по предмет оформен по допрен глас во јануари годинава за кривично дело Загадување на животната средина и природата во врска со работењето на депонијата ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО, во насока на утврдување на фактите побарало информации од Државниот инспекторат за животна средина за извршените контроли над работењето на депонијата.
Како што е наведено во денешното соопштение од Јавното обвинителство, Државниот инспекторат за животна средина во одговорот до надлежниот јавен обвинител навел дека депонијата ДРИСЛА постапува согласно Спогодбата постигната во Министерството за животна средина и просторно планирање, а извршените мерења во кругот на депонијата за квалитетот на амбиентниот воздух покажале дека резултатите од мерењето се во дозволените граници според европското и националното законодавство.
Во соопштението од Јавното обвинителство се наведува дека сепак, и покрај ваквиот одговор, надлежниот јавен обвинител продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.