
Охриѓани на протест против урбанизација на градот
Мегафони и силен тропот од метални буриња како аларм за будење на свеста за заштита на Охридскиот регион од прекумерната урбанизација која се заканува градот да го стави на листата на загрозено светско наследство. Качени на камиони членови на повеќе еколошки здруженија и граѓани денеска пристигнаа пред зградата на оптштина Охрид од која побараа итно да се заложи за прогласување на мораториум за градење според препораките на УНЕСКО, поништување на Општиот акт за Лагадин и стопирање на сите издадени дозволи за градење и издавање нови.
Нема населба во градот каде не се градат или не се предвидени висококатници, велат охриѓани.
На крајбрежјето се случува вистинска катастрофа предупредуваат екологистите, кои посебно се загрижени за случувањата во струшко.
Учесниците на протестот очекуваат конечно да преовлада свеста кај политичарите од кои бараат да го стават општиот интерес пред интересите на разни моќници. Предупредија дека доколку не запре урбанизацијата на градот кој е еден од само 35 места на светот кои се заштитени како светско природно и културно наследство, Охрид ризикува да се самоуништи, што беше симболично прикажано на еколошкиот перформанс пред зградата на општината.
Горан Момироски