Охридското Езеро под закана на последиците од климатските промени

Последиците од климатските промени се чувствуваат се посилно и мора повеќе да се работи не само глобално, туку и локално за справување со најголемиот предизвик на човештвото во ова време. Под закана е и Охридското Езеро, на што предупредува и УНЕСКО.

  • Предизвиците се во однос на зачувување на светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО, лошото урбанистичко планирање, преголемата урбанизација и дивоградбите на крајбрежјето. Не се работи за тоа дали Охрид ќе остане на листата на Унеско или не, туку да се заштити вашето најголемо природно богатство и биодиверзитетот, вели Жолд Ленгиел – експерт за климатски промени и заштита на животна средина.

Не е прашање дали не афектираат климатските промени, туку како да се прилагодиме, велат експертите. Предупредуваат дека  Охридското Езеро има праг на издржливост, кој не смее да се помине.

Голем дел од пловните објекти на Охридското Езеро користат нееколошки мотори со внатрешно согорување, а увозот на стари пловила од странство и натаму е атрактивен. Состојбата ќе се промени со измени во законот кои на сила ќе стапат наскоро, најавуваат надлежните.

Пред две години беше промовиран проектот „Смарт Охрид“ кој предвидуваше замена на конвенционалните пловни објекти со електрични. Иницијативата на екологистите засега останува во фиока.

Во насока на зголемување на јавната свес неодамна инициран е проектот „Да зборуваме за климатски промени“, кој треба да придонесе прашањето за климатските промени да се подигне на повисоко ниво и да поттикне промени во заштитата на животната средина, која и натаму е на маргините.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ