Охридските таксисти возат само на долги релации

Ново лето стари проблеми со такси превозот во Охрид. Дел од таксистите одбиваат да возат на кратки релации, наместо по таксиметар се пазарат со клиентите, ги селектираат, а неретко и се расправаат со нив.

Охриѓани, пак, велат дека поголема веројатноста да им падне на лото отколку да добијат услуга од такси во шпицот на сезоната. На социјалните мрежи врие од незадоволство и коментари на сметка на таксистите. Незадоволни се и регуларните такси возачи, кои велат дека се жртви на нелојална конуренција која не само што им го урива имиџот, туку предизвикува огромна штета како на такси компаниите, така и на туризмот. Не сакаат да зборуваат пред камера бидејќи се плашат од последици по бизнисот. И тие и граѓаните на Охрид  прстот го вперуваат кон инспекциските служби, кои, според нив, ги толерираат несовесните такси возачи. За проблемот се обративме до локалната самоуправа од каде не добибме конкретен одговор колку казни се изречени за непочитување на правилата и прописите од областа на такси превозот.

„Надлежните инспекциски служби при општина Охрид во летниот период спроведуваат континуирани контроли на такси превозот и општинскиот линиски превоз. Летово се врши редовна контрола  и на дополнителниот сезонски превоз кој е ставен во функција до 31 август.  За неправилностите воочени на терен при контрола на документацијата поднесени се соодветни инспекциски акти.“, наведуваат од Општина Охрид.

Покрај регуларните такси компании, во туристичката сезона во Охрид голем е бројот на индивидуални превозници, кои често ја преземаат улогата и на агенции и туристички водичи, на што веќе подолг период предупредуваат туристичките асоцијации, кои бараат државата да преземе мерки за сузбивање на ваквите појави, кои, според нив, му штетат на туризмот.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ