
Охридскиот рамковен договор влегува во Уставот, АСНОМ се менува
Охридскиот рамковен договор влегува во Преамбулата на Уставот, како конститутивен елемент на државата, заедно со Крушевската република и 8-ми септември. Во делот на АСНОМ, пак, историските одлуки се заменуваат со прогласот од Заседанието во кој нема спорни делови за Грција. Премиерот, кој пред два дена изјави дека Охридскиот договор е веќе дел од Уставот и нема потреба од отворање на Пандорината кутија, се предомисли и го вметна во вториот амандман.
Спорната одлука е дел од одлуките на Првото заседание на АСНОМ, меѓу кои е и манифестот во кој се повикуваат Македонците под Грција и Бугарија, да учествуваат во антифашистичкиот фронт, затоа што од тоа зависи и обединувањето на целиот македонски народ. Овој дел сега се заменува со прогласот кој е всушност еден вид на заклучок од донесените решенија на заседанието.
Со првиот амандман, зборот Македонија сегде во Уставот се заменува со Северна Македонија, освен во членот 36, во кој се вели дека, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија. Третиот и четвртиот амандман, според премиерот, се во насока на тоа да се отстранат можните недоразбирања со Грците во иднина.
Согласно Конечната спогодба со Република Грција, амандманите ќе стапат на сила со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на грчкиот Парламент. Внатрешната употреба ќе се регулира со уставен закон, со што ќе биде утврдена и важноста на веќе постоечките документи и материјали на граѓаните.
Прифатени се и сугестиите на осуммината пратеници кои излегоа од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Премиерот изјави дека е во постојана комуникација со Грција. Според Заев, амандманите се едноставни и јасни и заслужуваат поддршка од сите пратеници, па се надева дека кога ќе ги испратат ќе успеат да ги уверат пратениците како Панчо Минов дека процесот треба да биде поддржан.
Далиборка Демјанска