Охрид се прости од прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски

Голем број граѓани на Охрид, пријатели, колеги, соработници, како и претставници на државниот врв, дојдоа заедно со членовите на најблиското семејство да го испратат до вечното почивалиште ненадејно починатиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски. Улиците и плоштадите беа празни, а градот го параа сирените на охридската бродска флота, која за последен пат го поздрави својот градоначалник. Стојаноски имаше само 48 години. Зад себе остави сопруга и две деца, кои иако скршени од болка смогнаа сили на јавноста да и кажат колку нивниот татко го сакаше Охрид и за какви вредности се залагал.

Државната делегација на погребот ја предводеше премиерот Зоран Заев со министри од неговиот кабинет. Заминувањето на Стојаноски е загуба за градот, за државата, за партијата СДСМ и за академската заедница, рече премиерот на комеморацијата што во сеќавање на прерано починатиот градоначалник на Охрид се одржа претпладнево.

„Јован друже не се договоривме вака“, истакна во емотивниот годов пратеникот Томислав Тунтев, кој се присети на разговорите со градоначалникот и пријател во кој преовладувале планови и желби за поубав и пропросперитетн Охрид.

Од Стојаноски се збогуваа и неговите сопартијци, колеги градоначалници од соседните општини, како и делегации на збратимените градови. Последната почит кон својот градоначалник, Охрид ја искажа со Ден на жалост, а неговите најблиски соработници во локалната администрација најавија дека ќе бидат реализирани сите проекти кои во својата визија ги имаше градоначалникот Јован Стојаноски.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ