Охрид под закана да го изгуби статусот од УНЕСКО

Откако стана извесно дека  Охридскиот регион на претстојната сесија на комитетот за културно наследство ќе биде предложено да биде ставен на листата на загрозени подрачја, државата најавува справување со дивоградбите кои и покрај сериозните забелешк на УНЕСКО во 2017 година, никнуваат како печурки.

Од општина Охрид велат дека во текот на изминатите две години во вид биле земени сите препораки и  барањата на УНЕСКО и дека во Извештајот освен негативните забалешки, посочени се и сите позитивни како што е  откажување од Проектот за изградба на Ски центарот на Галичица и Автопатот А3 од Охрид до Св.Наум, проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито и формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“.

УНЕСКО е аполитична асоцијација и ќе биде потребна силна дипломатија но и на умешност да се корегираат грешките од изминатите 20 години кои се сублимирани во Извештајот за Охрид, вели експертот за заштита на животната средина Ѓоко Зороски.

Приоритет треба да биде заштитата на природно наследство, ревитализацијата на  колекторот, справувањето со дивоградбите и зајакнување на градежната инспекција во Охрид која го нема потребниот капацитет, истакнува тој.

Зороски потсетува на судбината на Котор кој е ставен на листата на загрозени подрачја поради преголема изградба на сместувачки капацитети, како и старото јадро на Виена кое се на најде на истата листа поради изградба на само еден хотел со поголема висина. Доколку Охрид го загуби статусот во УНЕСКО, тоа ќе биде силен удар на неговиот имиџ како најатрактивна езерска дестинација во регионот што негативно ќе се одрази и на туризмот предупредува Зороски.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ