Охрид на дневен ред на комитетот за светско наследство на УНЕСКО

Делегација на Владата што ја предводи министерот без ресор Едмонд Адеми, а во која уште се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, ќе има тешка задача на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Баку, Азербејџан.

На неа ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој поради негрижа и игнорирање на проблемите од сите досегашни власти во изминатите три децении, е под закана да го изгубу статусот на заштитено светско наследство.

“За време на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО , Владата на Република Северна Македонија ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет” – соопшти владата.

Но, дали декларираната посветеност е доволна Охридскиот регион  да не се најде на Листата на локалитети под закана? Екологистите не се уверени во таквите заложби.

Тие потсетуваат дека уште во 2017 година Реактивната мисија на УНЕСКО нотираше голем број забелешки посебно потенцирајќи го проблемот со претераната урбанизација и дивоградбите во заштитените подрачја.

Но наместо мораториум и ревизија на плановите како што бараше светската организација од тогаш беа изградени стотици објекти, од кои голем дел се дивоградби, потсетуваат екологистите.

Речиси три децении Охрид е жртва на несоодветно и несовесно владеење на сите нивоа, вели градоначалникот Георгиески.

Тој ги повика сите чинители да се вклучат во битката за заштита на универзалните вредности на Охрид. Прв тест ќе биде справувањето со дивоградбите.

Општината изработи Регистар на дивоградби во кој има 1,076 предмети за кои е констатирано прекршување на законот за градење.

Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас.

Но по нив нема да се постапува веднаш, туку откако секој предмет ќе биде разгледан поединечно.

Таквиот став според неформалното еколошко движење Охрид СОС само ја потврдува неодлучноста на институциите и покажува дека тие немаат искрена намера да се справат со насилната и нелегалната урбанизација која го доведе регионот на чекор до губење на статусот на светско заштитено наследство.

Без конкретна акција, тоа и ќе се случи, сметаат екологистите.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ