Охрид и Ново Село добија градоначалници

42 годишниот доктор интернист и вршител на должноста градоначалник, Константин Георгиески, победи на вонредните локални избори во Охрид, што се одржаа поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, минатиот декември. Победата на кандидатот на СДСМ симпатизерите на владејачката партија ја славеа до доцна во ноќта низ улиците на Охрид и на плоштадот во центарот на градот. Георгиески се заблагодари на довербата и најави дека ќе работи во интерес на сите граѓани и на градот.

Георгиески во вториот круг од изборите освои 3.885 гласови повеќе од неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ и колега, Митре Милошевски, кој го призна поразот и му честиташе на противникот.

Втор круг предвремени избори за градоначалник имаше и во општина Ново Село, каде избори се одржаа поради оставката на градоначалникот Боро Стојчев, поради вмешаност во шверц со цигари. Во неизвесна трка, победи кандидатот на СДСМ Никола Андонов, кој освои 19 гласа повеќе од противкандидатот Николче Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ.

Вонредни избори за градоначалник заедно со претседателските избори се одржаа и во општина Дебар, каде победникот беше одлучен во првиот круг. Победи  кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука кој освои 272 гласа повеќе од Арбен Аголи, кандидатот на Алијансата за Албанците.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ