
Охрид до февруари треба да ги спроведе препораките за заштита на природни богатства на Унеско
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесе одлука Охридскиот регион да не биде впишан во листатата на наследство во опасност.
Но УНЕСКО ѝ даде рок на Општина Охрид до февруари наредната година да ги спроведе препораките за заштита на природни богатства, да состави нов извештај за зачувување на имотот, кој ќе биде разгледуван од Комитетот за светско наследство на 44-та сесија во 2020 година.
“Препораките се тие: усовојување на менаџмент планот. Во Собрание верувам идната недела Законот за охридскиот регион каде што меѓу другото многу конкретно, прецизно и јасно се бара со тој Закон забрана, мораториум на градба до донесување на планот за менаџирање на охридскиот регион, план на кој работат две министерства: Министерството за животна средина и Министерството за култура” – изјави шефот на македонската делегација, Едмонд Адеми.
Регистерот на дивоградби кои што на барање на УНЕСКО го изработи самата општина во Охрид покажа над 1000 дивоградби, 409 се лоцирани во заштитен појас на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот.
“Ние сторивме се што можеме во битката Охрид да остана под закрилата на УНЕСКО и ги презентиравме фактите за тоа што се презеде оваа Влада во желбите да ги санира состојбите. Дали ја добивме оваа битка ? Да. Дали ја добивме војната ? Допрва треба. Затоа уште од утре треба сите чинители во државата да преземат конкретни и одлучни чекори за заштита на Охрид, бидејќи ако тоа не се случи не го ни заслужуваме Охрид” – подвлече заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
За опозициската ВМРО ваквите препораки кои ги посочи УНЕСКО се практично невозможни се спроведат до февруари бидејќи би требало се рушат по пет дивоградби дневно.
“Само да потенцираме дека општината Охрид има тендер од 20.000 евра односно 1.200.000 денари за рушење на сите дивоградби. Ова е смешно и просто се прашуваме како е возможно со 20.000 евра да се срушат над 1000 дивоградби? Едно е јасно, ниту ќе се срушат дивоградбите во Охрид, ниту пак ќе се воведе ред со СДСМ во Охрид” – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Во 2017 – та Реактивната мисија на УНЕСКО утврди сериозно загрозување на заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион и испрати 19 барања за подобрување на состојбите.
Целосно се исполнети само три.
Нина Стефанова