Одземени телефони на полициски службеници во предистражната постапка за протекување на информации

На четворица полициски службеници им се одземени мобилните телефони во рамките на предистражна постапка за протекување на информации обезбедени со посебни истражни мерки, потврдија за Телма извори од истрагата.

Службениците се вработени во одделот за следење во МВР, а телефоните ќе им бидат предадени на вештачење за да се утврди дали контактирале и ги давале доверливите информации кои се објавени на повеќе интернет портали. Според сознанијата на Телма предметот е отворен за снимката на која се гледа Зоран Заев, а е прибавена со посебната истражна мерка тајно снимање во рамки на истрагата „Поткуп“.

Снимката беше дел од судската постапка за случајот „Поткуп“ во кој беше отфрлено обвинението против Заев, но во судница беше прикажана без присуство на јавноста.

Предистражната постапка за случајот со протекување на овие снимки ја води одделението за гонење на кривични дела на полициски службеници кое е дел од Обвинителството за организиран криминал.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ