Одземен имунитетот на осомничениот судија од Управен суд

Судскиот совет му го одзеде имунитетот на судијата од Управниот суд кој е под истрагата на обвинителството за организиран кримнал поради злоупотреба на службената положба и овластувања но не го одобри барањето да му се одреди притвор.

Тој утрово беше изведен на распит пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд каде се повика на имунитетот и затоа бил пуштен.

Од судот веднаш е известен Судскиот совет кој е единствено надлежен да одлучува за укинување на имунитет на судии и кој закажа итна седница затворена за јавноста на која ја донесе одлуката за одземање на имунитетот

Од Кривичниот суд информираат дека осомничениот судија во Управниот суд наредната недела повторно ќе биде повикан на распит кај судија на претходна постапка.

Истрагата на обвинителството за организиран криминал утврдила дека тој  незаконски постапувал во предмет за денационализација и вратил државна парцела во приватна  сопственост вредна околу 200 илјади евра.

Парцелата се наоѓа во Струга крај брегот на езерото. Осомничениот пред да биде избран за судија во Управниот суд го застапувал барателот за денационализација во предметот а со пресудата на неговиот клиент му бил исплатен надомест.

Во септември минатата година кога тој веќе е судија во Управниот суд, клиентот поднесува тужба до Судот која токму осомничениот ќе ја превземе за работа иако законски му е забрането.

Тој свесно го штител тужителот, негов поранешен клиент, во текот на постапката,  донел пресуда во негова корист и потоа не доставил копија до правобранителството и ги спречил да вложат жалба.

На барање на обвинителството спорната парцела е замрзната до завршувањето на постапката.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ