Одрон го блокира траснпортот на Блаце

Стотина камиони веќе втор ден се заглавени на граничниот премин Блаце. Поради одрон во Качаничката клисура од вчера утрото блокиран е автомобилскиот и транспортниот сообраќај меѓу Македонија и Косово.За да се намали застојот што постои во меѓуграничната зона и на царинскиот терминал, помалите камиони се упатуваат преку Глобочица но проблемот од час во час станува се посериозен за ладилниците што вршат транспорт на храна.

„Пренесувам сладолед од Бугарија. Не знам што ќе правам ако не ме пуштат да поминам на овој граничен премин. Можно е робата да ми се расипе“, кажа превозник од Бугарија

„Патот преку селото Горанце до Глобочица  е тесен, подолг и не е добар за тешките камиони, некои возачи се плашат да возат преку него а други пак се враќаат во Тетово и одат преку Јажинце. Од вчера се расчистува местото каде што се случи одронот. Тоа е на истото место каде што настрадаа двајцата косовски полицајци“, кажа Џевдет Рамука прет. на здружение на шпедитери Косово.

Додека се чека одговор од надлежните институции кога ќе се нормализира сообраќајот и по кој пат дотогаш да се вози, здружението Макамтранс се обидува да ги намали штетите врз транспортерите. Преку социјалните мрежи ги известуваат превозниците да се упатат на преминот Ќафасан или да возат преку Табановце.

„Ако нема брзо решение ќе има застој во дотурот на сите видови стоки што значи голема штета и за стопанството и за транспортерите“, кажа Биљана Муратовска од Макамтранс.

Косовските медиуми пишуваат дека патот Качаник – Генерал Јанковиќ ќе остане блокиран повеќе од 1 месец поради ризик од лизгање на земјиште поради што царината привремено се префрла на преминот Глобочица. Од македонската царина и Министерството за транспорт очекуваат брзо решение на проблемот. Објаснуваат дека доцна синоќа во телефонски разговор помеѓу министерот Сугаревски и министерот за инфраструктура од Косово Пал Лекај, од наша страна била понудена помош за расчистување на свлечиштето и било побарано брзо изнаоѓање на алтернативен правец за да не се блокира транспортот на стока меѓу двете земји.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ