
Одобрување и загриженост кај членките на ЕУ за францускиот нон-пејпер
Франција денеска го презентирала нон-пејперот за новата методологија пред Советот за општи работи на ЕУ, но без конкретна дебата за документот, туку фокусот на земјите-членки бил ставен на тоа како да продолжи политиката на проширување на ЕУ. Вака финската министерка за надворешни работи која претседаваше со Советот опиша како течела дебатата по ова прашање.
„Денеска не дискутиравме конкретно за францускиот предлог. Секако слушнавме за францускиот предлог и имаше земји кои го поздравија, имаше земји кои изразија загриженост за него. И сметам дека заедничка позиција е дека сите чекаме новата Комисија да започне со мандатот најбрзо што е можно и потоа таа да предложи идеи како да се придвижиме напред со политиката на проширување и методологијата“, изјави Тити Тупураинен, министер за надворешни работи на Финска.
Советот кој не донесе пишани заклучоци за оваа тема, како што рече Тупураинен, имал идеа да испрати јасна порака за посветеност на политиката за проширување, на земјите од Западниот Балкан и нивната европска перспектива.
„Ја повторивме потребата од продолжување на реформи во земјите и ќе продоложиме да разговараме за идните чекори за да ја подготвиме дискусијата на лидерите на пролет. Тоа покажува дека Европа не е во ќор-сокак по ова прашање туку спротивно од тоа, работата продолжува и ќе се вратиме на ова прашање оваа пролет“, рече Тити Тупураинен, министер за надворешни работи на Финска.
Во меѓувреме шест земји-членки – Австрија, Чешка, Полска, Словенија, Словачка и Италија денеска до претсдателот на ЕК испатија писмо со кое бараат таа до јануари 2020 да изнесе конкретни предлози како да се зајакне ефикасноста на пристапниот процес како инструмент за поддршка на реформите и интеграција на регионот.
„Подготвени сме конструктивно да се анагажираме за да се подобри процесот на пристапување. Тоа ќе го направиме на ефикасен начин, со цел да се постигнат резултати кои ќе овозможат ЕУ да постигне консензус за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија во март 2020 година“, се наведува во писмотот од шесте земји.
За шесте земји не постои одржлива алтернатива на полноправното членство на Западниот Балкан во ЕУ, доколку се сака ефикасна заштита на интересите на унијата во регионот. Според нив моменталниот процес на пристапување за регионот е забавен и нерамномерен.
Тупураинен ја поздрави иницијативата на шесте земји-членки, но сепак порача дека треба да се почека новата Комисија да стартува за да може да и се даваат задачи.
По завршување на Советот претставничката на Хрватска информираше дека попладнево во Брисел ќе се води расправа за нон-пејперот на Франција.
Тамара Грнчароска