
Одобрен азилот на Груевски, според унгарските медиуми
Азил му е одобрен на Груевски, под наслов ексклузивно, унгарскиот весник Маѓар Идок тврди дека поранешниот македонски премиер добил азил во Унгарија. Информацијата ја објави весникот Идок кој во Унгарија важи за близок до власта и до партијата Фидеш на Орбан, што според тамошните новинари значи дека информацијата доаѓа од владини извори. Но, и во текстот не е наведена ниту една официјална потврда. Од центарот за азил и емиграција не ја потврдиле информацијата. Телма се обиде во текот на денот да контактира со центарот за емиграции и со прес службата на унгарската влада, но никој не одговори на повиците и електронските пораки.
Според весникот Маѓар Идок, азилот на Груевски му е дозволен бидејќи сметаат дека е „оправдан стравот на Груевски кој смета дека неговиот живот е во опасност во неговата земја затоа што владата која ги контролира македонските институции не сакале да го заштитат“.
Весникот од свои извори тврди дека одлуката е донесена бидејќи се смета дека со враќањето на Груевски во Македонија може да продолжи гонењето на екс премиерот од новата влада.
Во информацијата не е спомнат правичен судски процес кој беше втората причина за барање на азил од страна на Груевски.
Весникот наведува дека барањето за азил е поднесено на 10-ти ноември во саботата предминатиот викенд. Синоќа пак српскиот претседател Александар Вучиќ во ТВ интервју тврдеше дека Груевски ја напуштил Македонија ден подоцна.
Сега ќе ја чуете вистината, и вие деца тука и сите други. Дента на 11.11, немаме официјално, но проценуваме меѓу 1 и 2 часот по полноќ лице Никола Груевски влегува на територија на Албанија, се легитимира, и е во придружба на две лица од унгарска националност, рече српскиот претседател.
Двете информации се спротивставени, или Вучиќ го греши датумот или пак Груевски го поднел барањето за азил пред да замине од Македонија. И експертите во Унгарија, но и македонската министерка за правда Дескоска денеска пред да биде пласирана информацијата за одобрен азил се чудеа и тврдеа дека азилантски статус не може да биде одобрен толку бргу, само девет дена откако е поднесена апликацијата. Весникот Маџар идок пак пишува дека центарот за азил во Будимпешта сериозно и детално ја проучил апликацијата на Груевски.
Миомир Серафиновиќ