
Одложувањето на изборот на ДИK ќе го доведе во прашање одржувањето на референдумот
Собранискиот спикер Талат Џафери апелира политичките партии во најкус можен рок да седнат и да се договорат за избор на ДИК. Џафери во телефонски разговор за Телма изјави дека е неприфатливо да се прифати барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се одложи конституирањето на ова тело затоа што ќе се доведе во прашање одржувањето на референдумот.
„Секое одолговлекување е опструирање. Ги прифативме сите нивни барања дури и претседателот на ДИК да биде од ВМРО-ДПМНЕ. Ако сега го условуваат гласањето за ДИК со најавениот Закон за амнестија тогаш тое не е ништо друго освен уцена“, вели Џафери.
Очекува наредната недела да се искристализираат работите а претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски да ја закаже седницата и да се утврди предлог листата со кандидати. По ова листата ќе се достави до претседателот на Парламентот кој ќе ги информира политичките партии дека во рок од три дена треба да го известат за нивните предлози.
СДСМ ги отфрла наводите на Мицкоски дека тие се виновни за блокирањето на процесот затоа што претходно не е донесен договорениот пакет реформи во изборното законодавство, Законите за финасирање на политичките партии и за Влада. Координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев вели дека не верува дека ова е генерален став на партијата, затоа што според неговите информации во ВМРО-ДПМНЕ постојат различни мислења околу потребата од одржување референдум.
Но едно е сигурно дека без гласовите на најголемата опозициска партија изборот на ДИК не може да се изврши затоа што е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието. А без ДИК не може да се органзира и спроведе референдумот. Досега сите партии со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ ги утврдија своите канидати. Тројца се до СДСМ и по еден од ДУИ и заеднички од БЕСА на Касами и Алијансата на Албанците.
Јулијана Пешевска