
Одложено рочиштето за “ТНТ”
Денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство во Основниот кривичен суд се одложи за 30 август, заради боледување на судијата Огнен Ставрев.
На претходното рочиште поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ“,побара изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, која е застапник на обвинението заради сомнеж за поврзаност со случајот „Рекет“. Но се уште не е доставен одговор.
Барањето Трајковски го поднел поради сомнеж за поврзаност на Јанева со Адриан Амзоски, овластеното лице на фирмата „Дрим билдинг“ од Струга, кој бил и управител на фирмата ТД „Фине“ што го градела објектот „Космос“.
За него Општина Гази Баба поднела кривична пријава, но пријавата лично ја повлекла специјалната обвинителка Јанева. Случајот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, се наоѓа во доказна постапка, а на последното рочиште беа сослушани сведоци предложени од одбраната.