
ОДИХР прави проценка за испраќање набљудувачи за референдумот
ОДИХР прави проценка за тоа дали има потреба од меѓународна мониоринг мисија за референдумот за името, и доколку има во која форма тој мониторинг би се спровел. Ова за Телма го потврди ОДИХР од Варшава, од каде велат дека ја примила поканата од македонските власти за набљудување на референдумот. Двајца претставници на ОДИХР за проценка се веќе во Македонија.
„Врз основа на информациите собрание на тие средби мисијата за проценка на потребите ќе даде препорака за тоа, доколку постои потреба, која би била формата на набљудување што ОДИХР ќе ја спроведе на референдумот“, наведуваат од ОДИХР.
ОДИХР го набљудуваше и референдум во ноември 2004 година, за територијалната поделба, кој го следеше со 200 набљудувачи.
Од МНР за Телма потврдија дека пред една недела до ОДИХР е упатена покана за меѓународни набљудувачи на референдумот.
Неофицијално се дознава речиси е извесно дека ОДИХР ќе го мониторира референдумот за името.
Заменик-министерот за надворешени работи, Андреј Жерновски вчера имал средба со претставници на ОДИХР, на кои, како што се наведува во соопштението на МНР, им ја посочил важноста која ја има референдумот за иднината на граѓаните и државата во однос на членството во НАТО и во ЕУ.
И од граѓанската организациија МОСТ информираат дека веќе ги започнале подготовките за следeње на референдумот. Од таму наведуваат дека методологијата нема да се разликува од методологијата која ја применувале за следење на избори – од распишувањето на референдумот, па се до денот на гласањето, како и периодот на приговори.
„Во овој период се следи работата на ДИК која веќе и зпаочна со одржување на седници. Ќе се следи работата на општинските Изборни комисии кои во овој процес ќе имаат потехничка работа, поточно немаат толку многу надлежности“, изјави Златко Димитриоски од МОСТ
Од МОСТ на терен ќе ја следат и јавната пропаганда за референдумот.
„Се подготвува тренот и луѓето. Кога ќе бидат ангажирани ќе почнеме да ја следиме и кампањата“, вели Димитриоски.
Во МОСТ таму се уште ја немаат точната бројка колку набљудувачи ќе распоредат на денот на референдумот, но наведуваат дека бројката не би била под онаа која вообичаено ја распоредуваат за избори.
Тамара Грнчароска