Одговорност за сите што направиле криминал

Трите најголеми партии: ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се согласуваат дека секој сторител на криминално или коруптивно дело, без оглед на неговата позиција и функција во државата, мора да сноси одговорност. Опозицијата инсистира дека врвот на СДСМ е длабоко навлезен во криминал, а власта уверува дека се води бескомпромисна борба со него. „Рекет“ е скандал. Аферата треба да се расветли што побрзо, а секој поединец што е замешан во неа да сноси одговорност, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

            -Пред лицето на правдата треба да биде изведен секој што ги прекршил законите. Не мислам дека ова е сценарио на некои кругови но секако околностите треба да се истражат и расветлат. Тука станува збор за лична алчност на поединци. „Алчноста го уништува човект“, е израз на нашиот народ кој објаснува `се, вели Али Ахмети, Претседател на ДУИ.

            ВМРО ДПМНЕ прашува зошто обвинителството, кое го имало исказот на бизнисменот Јордан Камчев уште пред четири месеци, се уште не побарало изјави од првите луѓе на СДСМ.

Од СДСМ потсетуваат дека Централниот одбор усвои Декларација за бескомпромисна борба со криминалот. На последните седници на партиските тела, вели Горан Сугарески, не било разговарано за политичка одговорност во аферата „Рекет“ на било кого, бидејќи нема инволвирани партиски функционери.   

            Изминативе денови, неколку портали, повикувајќи се на исказ на бизнисменот Камчев пред јавната обвинителка Вилма Рускоска, објавија дека во „Рекет“ се инволвирани Заев, Шеќеринска, Ременски, Димитров. Сите министри поединечно преку соопштенија и преку социјалните мрежи отфрлија било каква поврзаност со криминалната афера и најавија тужби за авторите на текстовите.                                               

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ