Одбраната продолжува со изнесување на докази во судењето за „27 април“

Во кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година. Денеска одбрана даваат организаторите на „За заедничка Македонија“. Борис Дамовски не сакаше да сведочи пред судот, за кој уште претходно изјави дека не го признава.

Меѓутоа почна одбрана на Богдан Илиевски со неговиот говор пред Собранието на 27-ми, за кој обвинителство тврдеше дека е повик за народот да влезе во Собрание. Адвокатот тврди дека по повикот за народот да ги поздрави пратениците во Собранието никој од присутните не се упатил кон Собрание а таму се само постари госпоѓи и пензионери. Илиевски претходно рече дека и сам ќе даде исказ, но денеска не даде, туку се гледаше само една снимка како доказ.

Исказ не дадоа ниту Владо Јовановски, ниту Игор Дурловски. За Јовановски одбраната презентираше фотографии од пленарната сала на кои се гледа дека неговите гестикулации биле смирувачки и дека немало насилство.

Сведочеше и Стефан Младеновски, според кој уште за време на изборите во декември 2016-та бил повикан од Нинџа, заедно со уште 30-тина други лица да одат пред седиштето на ДИК  и доколку не се прифатат приговорите на ВМРО-ДПМНЕ да фрлаат молотови коктели и насилно да влезат. Според неговото сведочење насоките дошле од Никола Бошковски од 5-та управа.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и изнесување на докази предложени од одбраната.

На минатото рочиште исказ пред судот даде обвинетиот Абдуљфета Алими, а беа сослушани и неколку сведоци, предложени од одбраната на обвинетата Елена Доцевска Божиновска.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

За случувањата во собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ