
Одблокирано носењето на законот за ЈО, можно решение до понеделник
Десет амандмани на Законот за обвинителство едногласно беа прифатени и од Владата и од пратениците од сите партии. Но, 41 се далеку од договор. Преговорите со Владата во работните групи продолжуваат.
ВМРО ДПМНЕ предложи 14 амандмани. Владата веќе прифати 4 од нив, главно од техничка природа. Отворени остануваат најделикатните прашања: што со помошниците на Јанева чии претходни работни места се во мирување, дали Републичкиот обвинител треба да одлучува за предметите на СЈО кои се во судска постапка, како и изборот на прв човек на Обвинителствтото за организиран криминал надградено со Специјалното.
Власта инсистира на строга поделба на власта: политичарите да не се мешаат во судството и да немаат можност за предлагање на обвинители.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, ќе го закаже продолжението на седницата веднаш штом партиите ќе се усогласат, најверојатно во понеделник.
На Комисијата беа прифатени и 5 амандмани од СДСМ како и еден од ДУИ за усогласување со Законот за јазиците. Амандманот на Алијансата за избор на обвинител-странец веднаш е отфрлен како неуставен. Доколку се постигне договор, Законот може да биде ставен на пленарна седница наредната недела, заедно со измените на Законот за Совет на јавни обвинители, на кој се поднесени 16 амандмани.
Соња Николовска