
Одбележан Светскиот ден против дијабетес, во пораст бројот на заболени
Бројот на заболени од дијабетес во земјава изнесува 123.850, покажуваат податоците од електронскиот систем „МојТермин“ заклучно со 31 декември 2018 година, што е за 3.850 повеќе споредено со претходната година. Ова денеска го истакна претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети, кој рече дека доминира возрасната група која е работоспособна од 40 до 65 години и таа изнесува повеќе од 50 проценти.
– Од вкупниот број заболени 40.000 се на инсулинска терапија, рече др Ахмети пред почетокот на завршниот централен настан за одбележување на 14 ноември, Светски ден против дијабетес, што се одржа во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во изминатиот период е направена многу значајна измена на Законот за паралелен увоз на лекови, со што во земјава се донесени оргинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји.
Освен тоа, посочи тој, воведоени се и три нови инсулини и два нови инсулински аналози инјектибилни и таблетарни.
– Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Со овие нови лекови се подобрува и кардиоваскуларниот ефект заради тоа што има многу поголемо влијание на кардиоваскуларниот систем. Во изминатиот период активно работевме со сите чинители кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата десетгодишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. После носењето на оваа стратегија ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата, додаде Филипче.