Во Карпош ќе никнат речиси петпати повеќе станови од лани, општината вели станува збор за адиминстративна грешка

Во Скопје се гради наголемо. Од година во година се повеќе се доделуваат дозволи за градење. Најмногу во Карпош, Центар и Бутел. Тоа го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, во извештајот за јули. Оттаму посочуваат дека повеќе од половината дозволи за градење се за високи објекти.

Највоочливо е зголемување на градежната активност во Карпош. Статистиката вели дека таму ќе никнат речиси петпати повеќе станови отколку истиот период лани. Од општина Карпош посочуваат дека бројките на Статистика не ја отсликуваат реалноста. Според нив станува збор за административен проблем.

„Кликнатите одобренија за градба во месец јули се однесуваат и на одобренија од минатите месеци, но електронскиот систем ги евидентирал како да биле издадени во тој месец“, велат од општина Карпош.

Од општината се уште чекаат мислење од Министерството за локална самоуправа и Министерството за транспорт и врски, за тоа дали е правно основано воведувањето на мораториум во Карпош.

Привремено запирање на градежните активности беше и предизборно ветување на градоначалникот Стефан Богоев.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, дозволите за градење во месец јули, коишто се однесуваат на високи објекти, предвидуваат изградба на 648 станови. Од нив најмногу во Карпош – 365 и во Центар 49“.

Од општина Центар се оправдаа дека станува збор за одобренија, за кои документацијата е собрана пред да се воспостави мораториумот.

„Успеавме да направиме еден пресек, да ги извадиме за јули месец сите оние издадени одобренија и имаме неколку одобренија коишто се започнати пред мораториумот којшто го имаме донесено – јас како градоначалник го побарав тоа и Советот којшто ја донел таа одлука. Само завршиле постапките и тука не сме можеле да влијаеме. Имаме донесено мораториум којшто важи за сите новопочнати постапки“, кажа градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Во истиот период лани, во Скопје биле издадени одобренија за градење на објекти во кои се предвидени 120 станови – 74 во Карпош и ниту еден во Центар.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ