Од утре се отвораат два аеродроми во Македонија

Во 6 часот утрината од скопскиот аеродром ќе полета првиот авион на „Виз ер“ за Бремен, а првите патници во земјава ќе слетаат три часа подоцна од Истанбул.

Првиот лет на аеродромот во Охрид пак е во четврток, а таму набрзо треба да допатуваат и првите туристи од Холандија и Полска.

Патниците ќе поминуваат низ строги протоколи. Мора да пристигнат на аеродром три часа пред летот. Роднините не смеат да влезат во аеродромот, а ќе се редуцира користењето на чекалните.

Заштитни маски мораа да носат постојано. На влез ќе ги дезинфицираат рацете, а на термална камера ќе се врши проверка дали имаат покачена температура.

Сомнителните случаи на Ковид 19 ќе ќе завршат во собата за изолација, каде ќе има посебни медицински тимови, како на почетокот на пандемијата.

„Нема рестрикции од авио-компаниите. На почетокот имаше дебата, средното седиште да биде празно, но тоа не е одржливо и тоа ќе ги зголеми трошоците и како последица и цената на билетите. Затоа авио-компаниите нема да ја воведат таа забрана, сите седишта ќе бидат на располагање. Единствено ќе ве замолат да ја носите маската во текот на летот. Тие имаат хепа филтери кои ги блокираат вирусите и бактериите 99,5 проценти. Затоа, можеби најбезбедно патување во јавниот транспорт ќе биде во авионите. “- изјави Алпер Ерсој генерален директор на ТАВ – Македонија.

И додека се чека одлуката на Брисел, Македонија своите копнени граници ги отвори во петокот. Влез и излез од државата е дозволен за сите без ПСР тест. Но, за сега македонските граѓани можат да патуваат само во Косово, Србија и Албанија. Во Бугарија за сега не можат.

А Грција иако од 1 јули го отвора граничниот премин Евзони, дали ќе дозволи влез и на нашите граѓани, ќе зависи од тоа дали и ние ќе бидеме меѓу змејите за кои ЕУ ќе ги отвори своите граници.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ