
Од утре нема полициски час, а од 1 јуни нема и работењето од дома и во ротации
Од утре повеќе нема полицискиот час одлучи попладнево владата. Пандемијата со коронавирусот е под контрола, како и новите кластери на заболени во пет града поради што Комисијата за заразни болести предложи, а владата усвои укинување и на други рестриктивни мерки.
„Од четврток, 28 мај, отпочнуваат со работа угостителските објекти во Р. С. Македонија со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови. Од 1 јуни 2020 ќе престанат да важат заклучоците на владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности“, изјави Оливер Спасовски, претседател на Владата.
Со оваа одлука се укинува работата од дома, работниот процес со ротации, а ќе може да се патува кон Скопје. Од оваа одлука за враќање на работниот процес во нормала се изземени само хроични болните и родителите кои имаат деца до 10 години за кои ќе се чека одлуката за отворање на градинките. Спасовски информираше дека од денеска се укинува и задолжителниот карантин за оние кои влегуваат во земјава, и се заменува со домашна изолација со приложување на негативен ПСР тест во последните 72 часа. Оние кои веќе се во карантин, околу 400 лица, на свој трошок можат да направат тест и да бидат пуштени во домашна изолација. За отворање пак на границите, Спасовски информираше, дека Комисијата за заразни болести треба да изготви прецизен протокол за влез и излез од земјава, а на Комисијата ќе се чека да подготви протоколи и за работа на хотелите.
Но додека животот во многу сегменти се враќа во нормала, ќе се почека на враќање во норомала на работата на болниците, што, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, е одложено за идната недела.
Филипче вели дека животот мора постепено да се враќа во нормала бидејќи не може ниту една земја да живее со такви силни рестриктивни мерки. Тој истовремено е и задоволен од резултатите кои ги дале мерките досега.
„Имаме добри ефекти од овие силни рестриктивни мерки кои што до сега беа на сила, таков е овој период во кој што гледаме еден стабилен број на пациенти. Понатаму, низок процент на позитивни случаи од вкупниот број на тестови. Сите овие други параметѕри врз кои работи, анализира и носи одлуки Комисијата“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Филипче сепак потенцира дека мерките за лична заштита како дистанцирање, негрупирање и носење маски ќе бидат клучни во идниот период за одржување на состојбата под контрола.
„Огромен број на граѓани покажуваат свест и се придржуваат до мерките, но за жал добар дел од граѓаните тоа не го прават и дури некои не ни веруваат во постоењето на вирусот“, изјави Филипче.
Епидемилогот Жарко Караџовски пак информираше дека епидемијата со Ковид-19 е целосно контролирана.
„Во седум градови има само од еден до три пациенти кои што ги следиме, во пет градови се уште има активни случи кои ни се на листата на надзор. Во овие пет градови имаме повеќе од 20 кластери кои што ги следиме, а тоа се пред се Скопје, Велес, тоа ни е Штип, во завчерашните два дена беше Струга и Тетово“, информираше Караџовски.
Тој беше дециден дека иако не е тајна дека мерките не се почитуваат и не се спроведуваат секаде, Комисијата при одлуката за олеснување на мерките не се водела од незадоволстовото поради тоа, туку одлуката ја носела врз издржани анализи.
Инаку Спасовски информираше дека доколку се зголеми бројот на заболени во идниот период тоа ќе значи повторно воведување на рестриктивни мерки.
Тамара Грнчароска