Од што боледуваше Јанева не се дозна, но исплива проблемот со фиктивните боледувања

Од што боледуваше специјалната обинителка Јанева никој уште не дозна, но затоа на површина го исфрли проблемот со фиктивните боледувања, со кои фирмите велат дека мака мачат, бидејќи и натаму се многу раширена појава меѓу работниците. За Организацијата на работодавачи, овој случај треба да биде аларм за решавање на проблемот, а од Министерството за здравство се бара да формира посебна комисија, која ќе ги контролира дојавите за лажни боледувања.

„Го гледате најновиот случај, сите се прашуваа од што е болна Катица, која и е дијагнозата. Од кај работодавачот не издадоа такви информации. Дури кога ќе дојде боледувањето, дури тогаш работодавачот може да знае и евентуално да преземе мерки кај Комисијата во МЗ, за да се утврди дали тоа боледување е фиктивно или реално. Во Македонија сме виделе многу такви случаи, имало и видни личнопсти од МВР и од други јавни институции, секогаш кога нима проблем со дисциплинска одговорност, се зема боледување, а тие се фиктивни 99,9 отсто. Но тие случаеви ги има и во текстилната, и во преработиувачката индустрија“, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Појавата е особено изразена во индустријата, каде боледувања користат меѓу 8 до 12 отсто од работниците на ниво на компанија, што создава сомнежи дали се реални. Една од причините, според Димитров, е што работниците се зближуваат со матичните лекари, па тие полесно им издаваат фиктивни боледувања. Работодавачите тоа не можат да го докажат, ниту да ги казнат несовесните работници, па често се принудени да им даваат награди на дисциплинираните, што е неправедно кон вистински болните. За здравствениот фонд, велат, нема мотив да ги контролира боледувањата над еден месец.

„Со измените на Законот за работни односи, наместо 21 ден, боледувањето паѓа на товар на работодавачот до 30 дена, па затоа, првостепената и второстепената комисија на Фондот за здравство, ги интересира само за боледувањата над 30 дена, бидејќи тие се на товар на работодавачот, и тие немаат интерес тоа да го контролираат“, вели Димитров.  

Од Фондот за здравство велат дека една од нивните функции е контролната, при што вршат контрола на остварувањето на правата и на обезбедувањето на здравствените услуги произлезени од законите за здравствено осигурување и за здравствена заштита, како и почитување на законските и подзаконските акти кои произлегуваат од Договорот со Фондот.

„Целта на контролата е да се обезбеди имплементација на законските, подзаконските и договорните одредби од страна на установата и здравствените работници“, велат од Фондот.

Додека проблемот не се надмине, за фирмите ова е огромен трошок, тие покриваат 80 отсто од платата за работниците кои не придонеле во производниот процес.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ