
Од шпорет до „тропање на врата“ како пратениците позитивно ја видоа новата европска методологија
Лонче со ориз на шпорет, пароли како „со срце и душа“ и „пат низ трње“, ќе тропаме на врати, ќе ги учиме лекциите и задачите, ова беше дел од пратеничките размислувања на Националниот совет за евроинтеграции. А темата беше новата европска методологија за земјите кандидати. Претставниците на Европската комисија велат дека сега процесот ќе биде и правичен, но и предвидлив и за Брисел, но и за Скопје.
Пратениците на Собранието оценија дека максимата „Ветување, исполнување, награда“ од новата методологија треба да се искористи. Ресорниот вицепремиер рече дека политичката воља и средувањето на нашиот двор се најважни за исполнување на европските задачи. Османи со графикон тврдеше дека и пред почнување на преговори, во 6-те сега по ново предвидени кластери во процесот за зачленување, државата исполнила и имплементирала третина од предвидените 7.300 директиви на ЕУ.
Сите што зборуваа немаа никакви забелешки на новата европска методологија, иако беше спомнато судството како голем граѓански и државен проблем. Денеска зборуваа, ова им беше последен совет за евроинтеграции, поради априлските избори, но очекувањата на сите беа дека во март ќе биде добиен толку саканиот датум за старт на преговори.
Миомир Серафиновиќ