Од Охридското Езеро се испуштаат максимални количини вода во реката Дрим

Сите дрвени прегради на испустот на реката Дрим деновиве се отворени, а од Охридското Езеро во реката се испуштаат максимални количини вода со цел да се ублажат последиците од зголеменото ниво на езерото кое и натаму е над максимално дозволената граница при големи води од 694 м.н.в. предвидена со водостопанската дозвола на ЕЛЕМ кој според податоците на комапнијата оваа зима бележи зголемување во производството на електрична енергија од околу 40 %. Надојденото Езеро значително ги намали површините на плажите, а дел од нив претрпеа и штети.

Зголеменото ниво на езерото предизвика големи штети и на угостителките објекти во центарот на Охрид. Во невремињата на 17 и 31 март уништени беа терасите и платформите изградени во езерото, чиј статус не е законски регулиран, поради што не можат да бидат предмет на отшета.

Експертите предупредуваат дека вакви екстремни осцилации на нивото на Охридското Езеро, кои крајно штетно влијаат и на живиот свет,  ќе има и во иднина доколку не се промени начинот на управување со езерото кое со децении се третира и користи како акумулација за производство на електрична енергија, за што е отворен процес во рамки на Дримскиот проект.

ОД АД ЕЛЕМ тврдат дека стопанисуваат со водните ресурси на Охридското Езеро во согласност со водостопанската дозвола и дека истекот се регулира според хидролошката состојба

„Истекот од Охридско езеро не се пресметува според потребите за производство на електрична енергија, туку  се менува во зависност од дотеците, за да се задржи нивото на езерото што поблиску до просечното, а да се задржи кривата на траење на природните осцилации..“

Испустот на Охридоското Езеро се регулира согласно заклучоците од симпозиумот за овој природен воден ресурс одржан во далечната 1971 година. Тогаш било заклучено дека езерото не смее да се користи само како акумулација туку задолжително треба да се следат неговите осцилации кои треба да се движат помеѓу природниот минимум од 693 10, и максимумот од  694 м.н.в. По речиси пет деции овие параметри ќе бидат предмет на стручна ревизија во рамки на Дримскиот проект во чиј склоп во мај ќе се одржи експертска средба за изработка на план за управување со сливот на Охридското Езеро.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ