Од лошо момче до перспективен партнер

„Во моментов е далеку подобро од претходно, но далеку полошо од она што треба да биде“.

Вака во една реченица, новинарката Кристина Озимец ја опишува слободата на новинарите во Македонија која и натаму е на стаклени нозе. Новинарите овде се уште се опоравуваат од ужасниот период на репресија што ја спроведуваше власта на поранешниот премиер Никола Груевски кон сите новинари кои не се согласуваа со неговото владеење.

Последната анализа на Самостојниот синдикат на новинари, направена во јули и август минатата година, само неколку месеци откако Груевски ја изгуби власта, покажува дека новинарите во Македонија работат во небезбедни услови, дека се тепани, киднапирани и навредувани, а дека институциите не успеваат да ги казнат насилниците. Озимец вели дека главен проблем се условите во кои работат новинарите.

„Ако имате новинари кои се на авторски договори, договори на дело, со несигурни плати, кои можете да ги отпуштите од денес за утре, со плати од 300-400 евра, кои немаат основни права од законот за работни односи, како одмор или боледување, многу лесно можат да бидат мета на разни притисоци од сите страни, вели Озимец.

Извештајот на новинарскиот синдикат покажува дека 45% од новинарите имаат плата помала од македонскиот просек, а повеќе од половина од новинарите немаат редовно вработување и им доцнат платите.

„Ваквата лоша социјална положба на новинарите, сопствениците на медиумите ја користат за да извршат притисок врз нив да влијаат на нивното пишување. Им се закануваат на новинарите со отпуштање, па дури и со физичко насилство за да не ги критикуваат големите огласувачи“, објаснува Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.

Речиси секој извештај за слободата на новинарите во Македонија е поразувачки. Анкетата направена во рамки на истражувањето „Балкански барометар 2017“, покажува дека 72 отсто од граѓаните во Македонија, сметаат дека медиумите се под целосно или делумно политичко влијание, додека само 23% не би се согласиле со оваа констатација. Но, за да постои слободно новинарство, критичко новинарство, треба да постои потреба кај граѓаните за тоа, вели директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска.

„Во изминатите 10 години во Македонија навистина имаше голема политичка пресија од страна на владата врз слободните новинари и слободните медиуми и тоа доведе до тотално девастирање на оваа професија. И луѓето како да се навикнати да очекуваат пропаганда во медиумите. И затоа ќе треба долго време за една реконвалесценција на оваа професија. Не дека претходно состојбите биле идеални, но имаме еден реверзибилен процес. Ние постојано се враќаме назад наместо да одиме напред, објаснува Петковска.

Петковска зборува токму за времето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога медиумите беа речиси под целосна контрола, а слободното новинарство беше во изумирање.

„Тоа беше режим, целосно инорантен однос. Или ќе ве игнорираат како да не постоите, нема да ве факторизираат, или пак, ќе тераат хајки“, вели Озимец.

Лошото момче на Балканот. Вака Репортери без граници ја нарече тогаш Македонија во извештајот кој го мери индексот на слобода на новинарите. Репортери без граници ја оценува земјата според независноста на медиумите, законите и безбедноста на новинарите. А, Македонија, во извештајот за состојбите со 2016-та година, беше рангира на 111-то од 180 земји во светот.  Последна од сите земји во регионот. Попластично кажано, организацијата ја смести Македонија со земји како Белорусија, Казахстан и Таџикистан. А само пред осум години, Македонија на истата листа, беше на 34-тото место.

„Политичката нестабилност влијае на работата на новинарите и притисокот од владејачката партија ги натера некои од медиумите самите да се цензурираат“, напиша тогаш Фридом Хаус.

Новата власт, предводена од СДСМ на премиерот Зоран Заев, која дојде пред осум месеци, ветува слобода и за новинарите, и за медиумите. Новинарите сведочат дека притисоците се намалени, дека има извесни подобрувања, но дека се уште е рано да се дават било какви оценки. Билјана Петковска вели дека владата има одлична можност да покаже дека со нејзиното доаѓање на власт придонела следното рангирање на меѓународните листи за слобода на новинарите да биде подобро.

„Слободата значи пред се одговорност. Одговорноста треба да биде кај сите кои имаат удел во креирањето на медиумската стратегија во државата и во функционирањето на медиумите и како економски субјекти, и како чувари на општеството. Една совест на општеството“, заклучува Петковска.

Во април Репортери без граници треба да го објави извештајот за слободата на новинарите за 2017-та година. Скок на таа листа, барем за едно место, за новинарите во Македонија ќе ја зголеми надежта дека чуварите на општеството се тука.

Марија Дивитарова

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ