
Од Институтот за јавно здравје признаваат дека жените се принудени многу да чекаат за мамографски преглед
Тука спаѓаат пациентките кои се избориле со ракот на дојката и кои треба да се јавуваат на редовна контрола. Но, и жените кои се должни да направат превентивен преглед. Тие на листата на чекање се заглавени дури и до четири месеци.
За тоа време евентуалната болест кај нив може да напредува.
Забелешките на здравствените власти се дека сепак дел од пациентите и самите не доаѓаат на закажаните термини за преглед на дојка.
Ракот на дојка е болест од која жените најмногу умираат. Во Македонија, 279 пациентки годишно ја губат битката.
Мамографски прегледи се прават во 22 јавни здравствени установи. Таму жените на возраст од 50 до 69 години можат да направат бесплатен мамографски преглед.
Предност имаат оние кои ќе бидат повикани, а немаат регулирано здравствено.
Сепак, лекарите апелираат дека за навремено детектирање на болеста важно е жените и сами да се прегледуваат со опипување.
Доколку забележат некакви промени на дојката, веднаш да се јават на лекар.
Лани ракот на дојката е дијагностициран кај 218 жени, меѓу кои 15 се млади жени под четириесеттата година.
Има и четворица мажи со ова тешко заболување.
Петар Догов