
Од другата недела ќе се вакцинира по училиштата – невакцинирани деца нема да се образуваат тврди Филипче
Теренската вакцинација во скопските училишта ќе почне од другата недела, не од денес како што најавија надлежните. Во другите градови кадешто од здравствените домови веќе се подготвени можат да почнат уште денес, потврдија здравствените власти. Медицинските тимови ќе се распоредат по училиштата и до половината на мај веќе треба да ја завршат мисијата. Но, ќе мора да имаат согласност од родителите за дадат доза од МРП на учениците.
„Секако дека може да бидат присутни и родителите. Ова е се со цел да се зачува здравјето на тие деца. Сите што не се вакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Дури половина од децата на претшколска и школска возраст кои не биле вакцинирани пред епидемијата, се уште немаат имунитет на заразата од морбили. Здравствените власти ќе вакцинираат теренски за училиштата да смеат да ги запишат и да ги распоредат по одделенијата. Сепак, Законот останува неразјаснет. Основното образование е задолжително, но услов за упис се примени вакцини кажа вчера министерот за образование.
„При уписот во основните училишта треба да се приложи аргумент дека вакцините се примени од страна на детето.“ кажа Арбер Адеми, министер за образование.
Без вакцина нема упис – категоричен беше денес министерот за здравство Филипче. Свесен е за контрадикторноста во текстот на сегашниот Закон за образование и не исклучува на ниво на Влада да се договорат и да прават измени.
„Контрадикторноста беше во делот којшто пропишува дека основното образование е задолжително. Меѓутоа, во ситуација на епидемија се знае како се постапува и како се реагира. Повторно ќе има средба мултисекторската група за да видиме дали треба да направиме некои законски измени.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство
Вакцините се безбедни тврдат одговорните. Нови количини вакцини стигнале денес и ќе се распоредат во здравствените домови.Несакани дејства пријавиле тројца досега.
„Покачена температура и одредени болки коишто се очекувани. Меѓутоа, за 208 година беа пријавени вкупно три случаи.“ кажа Александра Грозданова – Претседател на Комисија за имунизација.
Според информациите од Директорот на Здравствениот дом Злате Мехмедовиќ – тие се уште не ја знаат точната бројка на вакцинирани деца од претходната теренска вакцинација.
Во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје кој е објавен денес, пишува дека има бројката на пациенти заболени од морбили за една недела стигнала до 121.
Петар Догов