Од денеска во Србија со една контрола на граница – „One stop shop“ системот пуштен во функција

Од Македонија во Србија и обратно со едно застанување и една контрола. Од денеска граничниот премин Табановце – Прешево е првиот интегриран граничен премин на кој има заедничка контрола односно „One stop shop“ систем. Отсега од оваа кабина македонските и српските службеници ќе ја вршат и царинската и полициска контрола на патници и стока на преминиот меѓу двете држави.

Премиерите на Македонија и Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ дојдоа на граничниот премин за да го означат стартот на интегрираниот систем за кој сметаат дека е резултат на добрососедските односи и  соработка.

Премиерот Заев истакна дека со воедувањето на заедничката гранична контрола на најпрометниот премин во државата ќе се намали времето на чекање, ќе се зголеми протокот на стока што дополнително ќе влијае на развивањето на соработката во економскиот сектор и ќе се намалат шансите за царински прекрошци и измами.

За премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ова е пример за соработка меѓу две држави и проект кој ќе го смени животот на граѓаните кон подобро. Таа нагласи дека трговската размена меѓу Македонија и Србија надмина една милијарда евра и токму затоа потребно уште подобро поврзување.

По свеченоста на Танабовце, Брнабиќ со својата делегација пристигна во Скопје каде во Владата имаше тет а тет средба со премиерот Заев. Во рамките на посетата беа потпишани и три спогодби – за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во земјите, за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор и спогодбата за соработка во фитосанитарната област и областа на безбедноста на храната и ветеринарство.

Инаку двајцата премиери ја критикуваа одлуката на Косово за воведување на такси и нагласија дека со тоа се нанесе голема штета на целиот регион.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ