
Од денеска државјанството во изводите „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија
Графата „државјанство“ во изводите за родени, венчани и умрени од денеска ќе биде пополнета со македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.
Во врска со реакциите во јавноста за пополнување на графите во полето државјанство со коси црти (/////), од Управата посочуваат дека тоа било така, бидејќи морало да се спроведе соодветна процедура во електронскиот систем за издавање изводи од родени, венчани и умрени.
-Согласно член 2 став 3 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија, во графата „државјанство“ во изводите за родени, венчани и умрени, издадени пред и по стапувањето во сила на Конечната спогодба помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, треба да биде впишано македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, велат од Управата за водење на матичните книги.