
Од 888 тестирани во земјава, до сега има 70 позитивни на Ковид19
Вкупно 70 потврдени случаи позитивни на корона вирусот се регистрирани во земјава и тоа од пет градови, Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид. За сите се знае дека биле во комуникација со некој од претходно заболените, потврди министерот за здравство Венко Филипче.
Денеска бројката на заболени се искачи за 22 ца, а меѓу нив е и бабата на 4 годишното девојче од Штип.
До сега се тестирани 888 пациенти, а има уште 1400 тестови. Се очекуваат уште илјада кои се нарачани и илјада кои се донација. Секоја следна недела ќе се набавуваат по уште илјада и по тристе за приватната клиника Жан Митрев. За прв пат од денеска и резултатите од тамошната лабораторијата се земаат како релевантни. Од следната недела пак ќе се земаат брисеви и на поликлиниките “Јане Сандански” и “Ченто”, а ќе се закажува телефонски.
Министерот најави дека ќе се зголемува и бројот на респираторни машини.
Инаку според Филипче исполнетоста на инфективната клиника до сега е 20 проценти. За луѓето кои ќе го имаат вирусот но ќе имаат и други здравствени проблеми од денеска еден оддел работи и во болницата 8 септември кој е целосно изолиран.
Сите кои беа поврзани со директорката на кожната клиника а се во самоизолација, ќе се тестираат во понеделник или вторник, откако помина периодот за инкубација на болеста, но за сега никој не покажал симптоми на вирусот. Министерството заедно со фармацевтите анализирале лекови за маларија, кои според некои истражувања би можело да помогнат во справувањето со болеста. Тој не ја исклучува мжноста од воведување на кризна состојба и во Скопје, за што ќе се разговара на состанокот во Владата.
Билјана Николовска