
Од 200 до 400 евра казна за 18 градоначалници кои не го пријавиле својот имот
Од 200 до 400 евра казна ќе треба да платат 18 градоначалници кои не ја пријавиле имотната состојба или не поднеле изјава за судир на интереси во Антикорупциската комисија. Шестмина од нив не го поднеле ни едното, ни другото. Меѓу градоначалниците за кои антикорупционерите ќе поведат прекршочни постапки се и првите лица на Арачиново, Гостивар, Охрид, Гази Баба и Делчево.
Комисијата ќе врши проверка и на имотот на претседателот Ѓорге Иванов, по допрен глас од медиумите. Вчера беше објавено дека Претседателот, кому мандатот му истекува на 12 мај, купил два стана на Водно, кои се се уште во градба и кои во пред-договорот во Катастарот се запишани на име на неговиот син. Од Кабинетот реагираа дека претседателот купил само еден стан, за што подигнал и кредит, но не го пријавил зашто се уште не го исплатил и нема имотен лист. Антикорупционерите ги преиспитуваат и унапредувањата што Иванов ги потпиша пред две недели. Наскоро се очекува епилог и од проверките на случаите за непотизам, за кои институциите ги испратиле сите побарани документи.
Далиборка Демјанска Цветановска