Обврската за колективната одбрана на НАТО влегува во Законот за одбрана

Протоколот пет на НАТО за колективна одбрана влегува во Законот за одбрана на Македонија, со што заштитата, но и реакцијата на земјав на закана врз која и да е членка НАТО ќе стане нејзина привилегија, но и обврска. Земјата мора да го усвои овој Протокол на НАТО до нејзиното полноправно членство. Законот вчера е усвоен од Владата и е влезен во Собраниска процедура. Министерката за одбрана очекува измените на Законот да биде усвоен до самитот на НАТО во декември.

„Од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на самоодбрана, во кој што нападот на било која членка на НАТО, значи напад врз сите. Што значи дека сите би се мобилизирале за помош. Истиот принцип го вградуваме во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција од НАТО, а и на каков начин и ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Законот предвидува одлуката за учество во мисиите на НАТО да ја носи владата, а сите други мисии – на ЕУ, ОН, како и до сега одлуката да ја носи Собранието. Владата ќе има обврска еднаш годишно да го информира Собранието за сите мисии во кои учествува земјата.

Со законот ќе се регулира одење во воени мисии и на цивили – лекари, полициски служеници – што досега не било случај и било т.н. сива зона. Со него ќе се дефинираат и мерките, но и опфатот и степенот на заштита на критичната инфраструктура во земјава.

„Законот е системски и законот е двотретрински. Со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието комунициравме на оваа тема и следната недела кога ќе почне дебатата по ова прашање очекувам плодна дебата, но очекувам по ова прашање и широк консензус и двотретинско мнозинство“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана

Министерката за одбрана информираше дека очекува до Самитот на НАТО протоколот за членство за земјава да биде ратификуван од сите земји членки, освен можеби Шпанија која останува незивесна поради немање влада.

Таа најави дека во тек се и консултации и оти до самитот на Алијансата ќе се испрати и амбасадор и воен претставник во НАТО, места кои веќе одреден период стојат упразнети. За Шекеринска инсистирањето на Бугарија да го штити небото над земјава во рамки на политиките на Алијансата за заедничката воздушна заштита, е прифатливо со што Бугарија таа обврска би ја делела со Грција. 

Од другите реформи кои се планираат во одбраната поврзаи со НАТО клучни се и намалувањето на бројот на лица кои поседуваат сертификат за пристап до класифицирани информации, од сегашните 1.500 на 300.

Со донесената нова формација на Армијата таа брои 6.800 припадници, од досегашните речиси 8.000 од кои 1.200 позици стоеле непополнети. За поголема ефикасност на министерството за одбрана, ќе се намалува и бројот на вработените таму, преку редовно пензионирање. Во 2020 година планирано е од Министерството да се одвои и секторот задолжен за логистика во делот на услуги и храна каде работат меѓу 150 до 200 луѓе, во посебно државно претпријатие, со што тоа нема повеќе да биде под капата на Минисетрството. 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ