Обвинувања за фалсификат пред изборот на нов престедател на Стоматолошката комора

Пред изборот за нов претседател на Стоматолошката комора – стоматолозите обвинуваат за фалсификуван избор на делегати кои ќе гласаат. Избраните делегати наводно доброволно се откажале од делегатското место во собранието и прифаќаат функција само во регионалните одбори при Комората.

„Во правилникот за избори и отповикување, во член 57 јасно се кажува на кој начин може да му престане мандатот пред истекот на времето на еден делегат. Тоа е само ако поднесе оставка, а со тоа автоматски заминува и од местото на делегат на собрание меѓутоа и од местото член на Регионален одбор“, изјави д-р. Дафина Богеска – Претседател на Регионален одбор Прилеп.

Стоматолозите на седум години се обврзани да ги обновуваат лиценците за работа преку Стоматолошката комора. Услов за лиценцирање е посета на едукативни собири на стоматолошките здруженија – за кои се плаќа партиципација. Според тврдењата на стоматолозите – финансискиот интерес е поделен помеѓу здруженијата и докторите-обучувачи. Поради тоа, укажуваат на судир на интереси околу раководните позиции на Комората.

„Ние како Регионален одбор Прилеп поднесовме и приговор до Централна изборна комисија, но поднесовме и известување до Надзорниот одбор, за да ги корегираат сите овие неправилности бидејќи тој е одбор на Комората кој треба да го корегира неправилното работење на другите органи во неа“, додава Богеска.

Од надзорниот одбор одбиваат да ја коментираат целата ситуација.

„Се’ уште ја разгледуваме оваа ситуација и немаме донесено некаков заклучок и немаме изградено заеднички став. Во моментов не би можеле да кажеме ништо поконкретно“, кусо соопштија од одборот.

На изборот на нов претседател на Стоматолошката комора кој ќе се одржи во понеделник, делегатите ќе бираат помеѓу тројца кандидати.

 

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ