Обвинителството ќе бара снимки од црногорските гранични премини кои ги користел Груевски при бегството

Насмеаниот Груевски среде Будимпешта. Не во живо, туку на син плакат на унгарската опозиција закачен на зградата на унгарскиот парламент. И внатре имало расправија, се бара анкетна комисија за да се утврди како осуден криминалец без пасош успеал да ја пробие  цврстата унгарска граница.

Со исти тврдења за барањето за азил на поранешниот македонски премиер, кому е обезбеден привилегиран третман во Унгарија, излезе и унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто на брифинг со новинарите по состанок со колегите министри за надворешни работи на Европската Унија во Брисел. Барал азил поради закани, а надлежните не унгарската влада одлучиле тоа да го стори во Будимпешта, а не на граница.

Сијарто не понудил одговор зошто унгарски дипломатски возила го пренесувале Груевски преку две балкански држави. И додека секаде се бара одговорност, во Македонија се уште ничија политичка, судска, полициска или обвинителска функција не е доведена во прашање. Истрагата се води и внатре кон полициски службеници и гранични служби, но и кон надвор, а побарани се снимки од безбедносни камери на црногорските гранични премини кои ги користел Никола Груевски при бегањето.

Шест дена по бегството, судскиот совет се вклучи со своја постапка. Немало седница на советот, туку колегиумот на судскиот совет денеска по допрен глас отворил постапка за да утврди дали судијата за извршување санкции во кривичниот суд имал пропусти при реализирањето на затворската казна на Груевски.

„Судскиот совет на Република Македонија во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, изразува загриженост за настаната состојба. Од причина што во јавноста се изнесуваа информации за евентуални пропусти во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја информираме јавноста дека од страна на Советот се преземаат сите активности, согласно закон“.

Во министерството за правда се подготвуваат документите за барањето за екстрадиција кое ќе се прави врз основа на меѓудржавниот договор за правна помош потпишан во време на Југославија и преку европската конвенција за екстрадиција. Од правда не соопштуваат дали останатите обвиненија против Груевски ќе патуваат за Будимпешта каде бегалецот чека одлука за бараниот азил. Груевски е слободен, но сите ние сме затвореници на Орбан е насловот на порталот ХГВ, кој постојано го следи случајот и кој како и многумина во Унгарија тврдат дека за се дозвола морал да даде Орбан.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ