
Обвинителството истражува злоупотреби со парите од Фондот – фирмата Кастинвест се повлече
Обвинителството започна истрага за конкурсот за доделување државни пари на фирми на високи функционери од власта. Ова го стори по допрен глас откако медиумите објавија дека фирма во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев и на пратеникот од СДСМ Хари Локвенец се дел од добитниците на помош од Фондот за иновации. Ќе бара дали и кој сторил кривично дело при распределбата на парите.
„По објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови по Јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас. Обвинителството презема дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција
Во меѓувреме од државната помош се откажа Кастинвест компанијата каде како сопственик фигурира велешка Брако во која свој удел има вицепремиерот Анѓушев. Смета дека има добар проект за отворање нови работни места, но поради удар од јавноста ќе се повлече.
„Сакаме да потенцираме дека како компанија ги задоволуваме сите услови за добивање на грантот, а во сопственичката структура на компанијата фигурира Брако како ко-сопственик, а не Кочо Анѓушев како поединец. Секој бизнис има право да се развива согласно истите услови за сите, услови кои очигледно не важат за нас. Ова не става во многу неповолна положба и во поглед на конкуренцијата и во поглед на понатамошниот развој“, соопштија од Кастинвест.
За сега нема реакција од печатницата Гинис каде косопственик е пратеникот Локвенец. Тој за Телма пред неколку денови тврдеше дека се работи за фирма каде тој нема никаква раководна улога. Од Фондот за иновации пак велат дека договорите со 79 те фирми кои добија државни пари сеуште не се потпишани. Директорот пред неколку денови објаснуваше дека тие не можат да ги делат фирмите по сопственици.
На фирмите во кои имаат удел функционерите им се одобрени по 160 илјади евра. Ова доаѓа во време кога во земјава не функционира Антикорупциската комисија, а тие првично се изјаснија дека нема судир на интереси. Потоа се премислија, па ги повикаа партнерите да се откажат.
Билјана Николовска