Обвинителството инсистира на притвор во Шутка за Стевче Јакимовски поради можност за бегство или влијание

Обвинителството уште утринава поднело жалби со кои судот бара да ја смени мерката и на Стевче Јакимовски да му определи притвор во Шутка наместо домашен притвор, како што доцна синоќа објави кривичниот суд. Сметаат дека поранешниот градоначалник на Карпош може да избега или да влијае врз сведоци. Жалби со кои се бара ефективен притвор се поднесени и за останатите двајца осомничени на кои судот им определи мерки на претпазливост. Осомничени се за незаконска легализација на бараките кај поранешниот ресторан Имес, како и за злоупотреби со јавни набавки на жардињери и изградба на плоштад.

Судот му определи домашен притвор на Јакимовски поради здравствени причини. Лидерот на Гром пред 7 години имал операција и редовни годишни контроли за здравствената состојба поради што судот прифатил наместо притвор да му определи домашен притвор на Јакимовски. Обвинителството и натаму смета дека Јакимовски мора да замине во притвор, но одбраната тврди дека екс градоначалникот на Карпош има сериозни здравствени проблеми. И адвокатите ќе поднесат жалба со која ќе бараат укинување на мерката домашен притвор затоа што сметаат дека истрагата и оваа сега и онаа лани во август за слоупотреби во Карпош се политички мотивирани.

Обвинителство и одделот за организиран криминал пак сметаат дека Јакимовски и уште 8-мина ја злоупотребиле положбата и во своето соопштение наведоа 4 различни случаи и вкупна сума од над 67 милиони денари или повеќе од милион и сто илјади евра.

Два најголеми се  однесуваат за приватизација на бараките кај поранешниот ресторан Имес кои според обвинителството незаконски се легализирани и врз основа на тоа е продадено државното земјиште за ниска наместо по пазарна цена.

Вториот случај е за незаконска набавка на жардињери, а третиот за изградба на плоштадот спроти студентскио Гоце Делчев на место каде требало да има улица. Одбраната тврди дека проектите се за доброто на Карпошани и дека например детските игралишта од плоштадот може да се префрлат кога би се правела улицата и дека нема штета како што тврди обвинителството.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ