Обвинителството и Судот ќе добијат рамка за да амнестираат

Законот за амнестија има цел да постави рамки со опис на дејствија кои не можат да бидат амнестирани за случувањата на 27 април, а од друга страна, ќе се почитува правото на Обвинителството и на Судот индивидуално да ја ценат и мерат вината и да ја водат постапката до крајниот резултат. Ова го објаснува копретседавачот со Телото, Фросина Ташевска Ременски, во интервју за МИА.

Индивидуалниот пристап на обвинетите е почитуван со барањето што до надлежниот орган треба или може да го достави секој од нив. Во таа постапка Судот и Обвинителството ќе го имаат правото врз основа на доказите да ценат дали законот важи за лицето што се повикува на амнестија и какво решение ќе му издаде. Секако, жалбената постапка е гарантирана, вели Ременски.

            За да бидат опфатени и обвинетите за Терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, треба да има преквалификација на делото. Дел од аналитичарите на судскиот процес велат дека и без ваков закон, Обвинителството тешко би можело да докаже дека сите 33-ца се вклучени во ова дело.

Обвинителката што го води случајот, Вилма Рускоска, не размислува за преквалификација, но сака да види дали и телото тероризам ќе биде опфатено со амнестијата.

Изминатава недела, од подтелото за помирување, кое го конципираше законот, рекоа дека е најдена правна формулација и дека тероризмот ќе се преквалификува во здружување за непријателска дејност. Конечниот текст ќе биде тајна се додека в понеделник за него не се произнесе Координативното тело, по што ќе биде ставен на собраниска седница.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ